ВЕЧЕРВА: Венера и Јупитер ќе имаат блиска средба после зајдисонце

Вечерва, на 9 јуни веднаш по зајдисонце, на северозапад ќе може да забележиме една од најубавите глетки ова лето. Венера и Јупитер ќе изгледаат исклучително блиску една до друга на небото.

Иако во реалноста меѓу нив има огромно растојание, од Земјата ќе делуваат речици како да се споени. Венера ќе биде најсјајниот објект на вечерното небо, додека веднаш покрај неа ќе се наоѓа Јупитер.

Илустрација на блиската средба помеѓу Јупитер и Венера - 9 јуни 2026

Гледајќи на северозапад, ќе може да ги погледнеме трите планети, односно Јупитер и Венера повисоко, а Меркур поблиску до хоризонтот - веднаш после зајдисонце.

Во прилог споделувам мои претходни фотографии од двете планети посебно, фотографирани во различни периоди.

Вечерва и јас ќе се обидам да ја фотографирам оваа интересна појава од Скопје веднаш по зајдисонце, додека планетите сè уште се доволно високо на северозапад.

За оние кои се наоѓаат во Охрид, една од најинтересните локации за набљудување би можела да биде кај Хотел Тино, гледајќи према Канео. Според пресметките, двете планети ќе се појават токму над Канео и на стариот дел на градот, што нуди одлична можност за интересна фотографија.

Според илустрацијата, гледано од Хотел Тино во Охрид, Венера и Јупитер ќе се наоѓаат над Канео и стариот дел на градот. Ваквата поставеност би можела да ви понуди една убава композиција за фотографирање на оваа средба од Охрид.

Најдобро за набљудување ќе биде во периодот помеѓу 20:30 - 22:00.

Доколку сте фотограф, не заборавајте да си понесете зум објектив кој ќе ви овозможи подобра компресија и да може да доловите силуети.

По оваа блиска средба, Венера постепено ќе се искачува повисоко на вечерното небо, додека Јупитер од ден на ден ќе биде сè потешко забележлив поради неговото приближување кон Сонцето од наша перспектива. Во текот на јули ќе стане многу тешко да се набљудува, а повторно ќе се појави на утринското небо во август.

Доколку времето е ведро и имаме чисто небо, не заборавајте кратко по зајдисонце да гледате кон запад.

Не секој ден двете најсјајни планети на вечерното небо се појавуваат толку блиску една до друга.

Next
Next

Ќе го попречи ли Месечината погледот на Персеидите вечерва?